ПРОГРАМА ЗА РАБОТА НА Независниот синдикат за образование и наука, НСОН, ЗА ПЕРИОДОТ 2019-2022 ГОДИНА
Во наредниот период НСОН своите програмски цели и задачи ќе ги насочи кон ширење на мрежата, стекнување довербата кај членството, кон промоција, афирмација и заштита на социјалните, професионалните, економските и културните права и интереси на членството.
НСОН ќе се залага за слободни, деполитизирани образовни институции кои функционираат врз принципите на демократијата и правната држава, во кои вработените, членови на НСОН, ќе можат слободно да ги остваруваат своите социјални, професионални, економски и културни права и интереси.
НСОН ќе се ангажира за исполнување на следните програмски цели и задачи:
1. СОЦИЈАЛЕН ДИЈАЛОГ
1.1 Главната цел на секој синдикат е социјалниот дијалог, затоа прв приоритет на НСОН е зачленување во своите редови што е можно поголем број вработени од секторот на образование и воспитување со цел постигнување репрезентативност и учество при склучување Колективни договори.
1.2 Предмет на Колективните договори ќе биде:
– утврдување методологија за пресметка на плати во секторот на образование и воспитување и барање за доследна примена на истата;
– повисок стандард за вработените во секторот на образование и воспитување преку подостоинствени плати;
– промена на методологијата за пресметка на патни трошоци/исплата на надомест на патни трошоци соодветно на нивната висина;
– заложба за донесување јасни и чесни критериуми за вработување на наставници;
– воведување (враќање) на регрес за годишен одмор и нвремена исплата на истиот;
– НСОН ќе се залага за доследна примена на потпишаните колективни договори.
1.3 Соработка со ресорното министерство во донесувањето закони и други акти кои ја уредуваат сферата на образование и воспитување.
1.4 Енергично барање за укинување на можноста да бидат ангажирани „заменски наставници“ за време на штрајк.
2. НАЧИН НА ДЕЈСТВУВАЊЕ
2.1 Со цел раст и развој на НСОН, една од најважните активности е утврдување стратегија за зачленување на што поголем број членови.
2.2 Оваа цел ќе се реализира во сите работни средини во кои има вработени од секторот за образование и воспитување.
2.3 НСОН ќе ги поддржи сите активности и акции од социјален карактер со цел јакнење на свеста дека солидарноста е еден од најдобрите начини за остварување и почитување на основното човеково право – секој достоинствено да живее од својот труд, со соодветна плата за трудот и во безбедни и здрави услови за работа.
2.4 НСОН енергично и доследно ќе се залага за правилна и функционална распределба на синдикалната членарина.
2.5 Едукации за наставниците/формирање синдикален едукативен центар кој континуирано ќе организира обуки според потребите на работните места со цел одржување и зголемување на компетенциите на своите ченови.
3. ЗАШТИТА НА РАБОТНОТО МЕСТО
НСОН смета дека е неопходно секој член на НСОН да се чувствува сигурен на своето работно место. За таа цел:
3.1 НСОН ќе се залага за соодветна правна заштита, социјална сигурност и материјална безбедност на сите свои членови.
3.2 НСОН се обврзува да ја следи работата на државните органи и институции кои ја контролираат успешноста на работата на вработените во секторот образование и воспитување и да бара јасно дефинирање на индикаторите за успешност, стручност и компетентност.
3.3 НСОН ќе се залага да:
– надлежните општини/министерства да не вршат нови вработувања во одделни установи додека не бидат распределени сите работници кои веќе имаат засновано работен однос, а се јавуваат како вишок во друга, истородна установа;
– вработените во рурални средини да се поместуваат веднаш штом ќе биде ослободено соодветно работно место во град.
3.4 НСОН ќе води битка за зачувување на работните места како и за правилно и правично утврдување на бројот и структурата вработени кои би останале без работа при евентуално прогласување технолошки вишок, а во согласност со законите и колективните договори.
3.5 НСОН остро и јавно ќе реагира во секој потврден случај на мобинг врз било кој свој член.
4. ПРАВА/ПРАВНА ЗАШТИТА
Уредувањето на правата од работен однос со закон и колективен договор, како и доследна примена на истите е уште едеен од високите приоритети на НСОН. Со таа цел НСОН се залага:
4.1 Во синдикалните организации да се преземаат навремени и ефикасни мерки на заштита во сите случаи на кршење на правата од работен однос на членовите на НСОН, притоа да се внимава да се искористат законските права на заштита во самата установа (приговор, застапување во постапка по приговор и тн.), но и надвор од неа, преку инспекциски надзор и судска заштита.
4.2 Се обврзува Советот на НСОН да покренува иницијативи за донесување на закони, нивни измени и дополнувања, со цел подобрување на работното законодавство. Доколку се процени дека постои прекршување на Уставот и законите ќе се покренуваат иницијативи пред Уставниот суд на државата.
4.3 Обврска на Советот на НСОН е преку соодветни форми на едукација да ги оспособи претседателите на синдикалните организации за навремена превна заштита на членовите на НСОН.
4.4 НСОН ќе ги користи сите расположливи средства за заштита на правата на своите членови.
5. УСЛОВИ ЗА РАБОТА И ЗАШТИТА НА ЗДРАВЈЕТО
Подобрувањето на условите за работа и заштитата на здравјето на членовите е подрачје на кое НСОН ќе му посвети внимание.
5.1 Синдикалните организации треба да бараат од надлежните органи одговорност и грижа за подобрување на хигиеско-техничките услови во училиштата и другите установи во кои има членови на НСОН.
5.2 НСОН бара доследно и соодветно да се реализираат со закон предвидените систематски прегледи на вработените.
5.3 НСОН ќе настојува да се направи анализа на здравствената состојба на работниците од аспект на професионалните болести и да се донесат мерки за санација на состојбите.
5.4 НСОН особено ќе настојува вработените да ги имаат/добијат сите материјално-технички услови за исполнување на работните задачи кои се бараат од неговите членови.
6. ЖИВОТЕН СТАНДАРД
Веќе подолгвременски период платите на вработените во секторот на образование и воспитување се ниски, што доведува до постојан пад на нивната куповна моќ. Затоа, НСОН цени дека е неопходно:
6.1 Склучување нови, поповолни, колективни договори и нивно целосно почитување како и почитување на Законот за работни односи и исплата на надоместокот за превоз од дома до работа и обратно во висина на цена на чинење.
6.2 НСОН ќе настојува во ставките за плата во буџетот да се издвојат средства за кариерно напредување и соодветно вреднување, согласно закон и колективен договор.
6.3 НСОН ќе го следи движењето на платите и навремено ќе реагира на секое инфлаторно движење. Во таков случај ќе се бара платите да бидат индексирани според порастот на малопродажните цени и ќе се спротиставува на секое решение кое предвидува пониско индексирање.
6.4 НСОН ќе бара прекувремената/вонредната работа, односно ангажирањето на неговите членови надвор од работното време и во деновите на викенд да бидат соодветно вреднувани и исплаќани.
7. ТРАНСПАРЕНТНОСТ/ИНФОРМИРАЊЕ
Транспарентното работење и навременото и точно информирање се особено важни. Затоа:
7.1 Ќе се основа и одржува страна на некоја од социјалните мрежи за комуникација меѓу сите членови на НСОН.
7.2 НСОН ќе ги интензивира и прошири контактите со средствата за јавно информирање, ќе ја зголеми вкупната присутност во медиумите, а особено за време на подготовки и процес на протести и штрајкување.
8. МЕЃУНАРОДНА СОРАБОТКА
8.1 Советот на НСОН ќе ги испита можностите за зачленување во меѓународни синдикални асоцијации.